во

Загрижени мајки коментираат: „Наш Милош спие сам од 3 месеци“, „Вашево уште не оди?“

Без грижа, ќе прооди и моето дете. И дај Боже, ќе оди и трча цел живот. Но, тоа што твоето дете проодело на 11 месеци не значи дека и моето мора. Јас нема да го „паткам“ и да го терам на сила да оди. Кога ќе му дојде време, само ќе прооди. И фала богу, прооде. На 14 месеци.

Не сметам дека тоа е било каков проблем, ниту пак натпревар. Ортопедите велат дека децата треба да проодат до три години. Но, на мајката во паркот, која случајно ја сретнавме, ѝ беше важно да сподели дека нејзиното синче трча уште пред да наполни година. За неа беше чудно што моето сè уште не оди.

„Ќе си го ставиш во дубак и одма ќе прооди.“ Не, нема да го ставам.

Но, такви се голем дел од мајките. Зајадливи. Сакаат да даваат коментари каде што не им е место. Сакаат да се докажуваат. Ова се само некои од коментарите кои, со сигурност, порано или подоцна, ќе ги добиете. Но, не дозволувајте да ве загрижат или изнервираат ниту за момент. Секое дете е различно и вие сте тие што одлучувате како ќе го воспитувате.

„Моево дете знаеш како јаде зеленчук? Се дави во брокула!“ Браво! Извини, ама моето не е воодушевено од брокула. Ниту пак од зеленчук. Не ни очекувам да биде. Децата се менуваат секој ден. Ако денес сака да јаде мусака, утре може да не сака ниту да ја погледне. Но, нејсе. Не сакам да се објаснувам со секој познат и непознат.

„Леле, колку заби има вашево дете!“ – Да, има, почнаа да излегуваат уште кога имаше само три месеци. Генетика. Ќе му излезат и на вашето, без грижа.

„Не оди во градинка уште, а? Епа, треба да оди, да се социјализира“ – Ќе оди кога јас ќе сметам дека е подготвено да оди.

„Наш Милош спие сам во соба уште од 3 месеци“ – Бре, бре, ваш Милош сам да не си ги менува и пелените?

„Ау, уште не користите нокшир? Андреј уште од 9 месеци го седнуваме.“ – А извинете, Андреј како ви кажува дека има потреба за да заврши нужда на нокшир?

„Си јаде чоколади, а? И те гледа со превртени очи.“ – Си јаде да. И ќе јаде што сака.

„Леле, уште го доиш. Ти си луда. Откачи го таму, доста му е 9 месеци.“ – Ќе го дојам до 3 години ако сакам. Не барам совет од тебе.

„Нашево спие по цела ноќ уште од 5 месеци. Ич не се буди.“ – Блазе си ви. Нашево се буди на секој саат и после една година.

„Леле, каде ќе го носите со авион? Само го малтретирате детето.“ – Ќе го носиме и на крајот на светот ако сакаме. Ти да не ми плаќаш и да не го пакуваш моето дете?

Верувам дека кога ќе тргнат во училиште, ќе биде уште пострашно. „Моево чита од 3 години. Моево пишува латиница и кирилица од 4. Англиски зборува подобро од македонски јазик“ – претпоставувам дека на оваа глупава трка нема крај.

Секој сака да си го пика носот каде што не му е место. Секој сака да дава совети кои не сте му ги побарале. Она што ви останува е да научите да ги игнорирате сите коментари кои не се на место и да си бркате своја работа.

Зашто, на крајот на денот, само вие знаете што е најдобро за вашето дете.

Супер Кул Маици: -20%
Бесплатна достава над 2000 ден.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На денешен ден-11 Октомври, започна антифашистичкото востание на Македонскиот народ

Мајчина болка: Кога децата ќе ти го забораваат роденденот и осаменоста преовладува