Елена Петрова, македонската државна шампионка во друмски велосипедизам и хронометар трки, постигна исклучителен успех на Балканското првенство во друмски велосипедизам 2024 (Balkan Road Cycling Championship WE – ITT 2024), кое минатата недела се одржа во Едрене, Турција. Петрова, која има 31 година, успеа да заврши на 3-то место во силна конкуренција, задржувајќи се само 42 секунди зад првопласираната.
Нашата шампионка помина низ патеката долга 25.3 километри со огромна посветеност и издржливост, покажувајќи ја својата извонредна форма и тренинг. Со оваа бронзена медала, Петрова не само што донесе гордост на македонскиот велосипедизам, туку и испиша нова страница во историјата на овој спорт во земјата.
„Пресреќна сум што имав можност да ја претставувам Македонија и гордо да го носам националниот дрес на подиумот во Едрене. Трката беше многу тешка, но мојата кондиција ми овозможи да го извлечам најдоброто од себе и да се пласирам на третото место. Овој настап ми е непроценливо искуство и дополнителен мотив за следните предизвици,“ изјави Петрова по натпреварот.
Овој успех е од огромно значење за македонскиот спорт и заедницата на велосипедисти во земјата, покажувајќи дека македонските спортисти можат да се носат рамо до рамо со врвните балкански и меѓународни натпреварувачи.