Ице Андонов, дваесетгодишно момче кое работело во кобната дискотека „Пулс“ во Кочани, се претвори во симбол на храброст и несебичност, откако сведоштвата на преживеаните го опишуваат неговиот херојски обид да спаси што повеќе луѓе од огнениот пекол.
Според нив, Ице неколку пати влегувал и излегувал од дискотеката, обидувајќи се да ја скрши заглавената споредна врата и да ги извлече заглавените посетители, при што за жал, го загубил сопствениот живот.
Трагичната вест за неговата смрт ја потресе не само неговата фамилија, туку и многубројните пријатели и познаници кои го опишуваат како скромно и добро момче, секогаш подготвено да помогне.
Сега, во знак на сеќавање на неговата добрина и херојство, неговите блиски другари и другарки одлучија да му исполнат една негова нереализирана желба – да го однесат неговиот автомобил на саем за коли.
Имено, Ице имал голема страст кон автомобилите и сонувал еден ден да го изложи своето возило на некој од саемите. Саемот за автомобили во Битола е закажан наскоро, а неговите пријатели преку социјалните мрежи упатуваат апел до сите кои го познавале Ице и кои се во можност да им помогнат во реализацијата на оваа нивна заедничка идеја, со што би му оддале почит на својот херојски другар.
Овој трогателен гест на неговите пријатели е уште еден доказ за големината на Ице Андонов, кој иако млад, покажал неверојатна храброст и самопожртвуваност во најкритичните моменти. Неговата жртва нема да биде заборавена, а неговото име ќе остане врежано во колективната меморија како пример за вистински херој.
Почивај во мир, малечок по години, но огромен по срце и дела, хероју наш.