Зоран Василевски, познат како Фаци, утринава ја загуби долгата борба со ракот. Иако животот го стави на тежок пат, до последен миг ја задржа својата позната насмевка и позитивен дух, со кој беше препознатлив за сите кои го познаваа. Тажната вест ја сподели неговиот долгогодишен пријател и соработник, Стефан Лазаров.
„Утрово во 6.40 часот, Зоран ја напушти оваа битка. Со него Македонија изгуби не само новинар, туку и вистински другар и човек со големо срце, кој секогаш беше подготвен да помогне“, напиша Лазаров во емотивна објава на Инстаграм, додавајќи дека Фаци ќе остане незаборавен за неговите пријатели и блиски.
Зоран остави значаен белег во македонското новинарство и општество, а неговата искрена насмевка ќе биде запаметена како симбол на добрина и храброст. Погребот ќе се одржи утре, а детали за местото и времето ќе бидат дополнително објавени.
Почивај во мир, Зоки. Твојата насмевка и твојот дух ќе останат засекогаш со нас.