По шестгодишна пауза, модната ревија на „Victoria’s Secret“ се врати на големата сцена синоќа во Њујорк, носејќи нови трендови и пораки. Еден од највозбудливите моменти беше враќањето на легендарната Тајра Бенкс на пистата по 20 години, придружена од ѕвезди како Џиџи Хадид, Адриана Лима, Алесандра Амбросио и многу други икони на модата.
Оваа година, ревијата беше освежена со новитет – за прв пат на пистата се појавија и „plus-size“ модели, што означува промена во долгогодишната визија на брендот, кој беше критикуван поради претставување само на слаби манекенки. Ова претставува обид на „Victoria’s Secret“ да се прилагоди на новите стандарди за инклузивност и различност.
Во музичкиот дел од шоуто, вечерта беше збогатена со настап на музичката легенда Шер, која дополнително ја подигна атмосферата.
Зошто ревијата беше во пауза шест години?
Од 1995 до 2018 година, ревијата на „Victoria’s Secret“ беше еден од најголемите и најгледаните модни настани, но по серија скандали, шоуто беше укинато. Во 2019 година, брендот беше критикуван поради поврзаноста на основачот Лес Векнер со Џефри Епстин, како и обвинувањата за мизогинија и вознемирувања против поранешниот главен директор Едвард Разек. Неговите спорни изјави за „plus-size“ моделите и бројните обвинувања за несоодветно однесување придонесоа за падот на популарноста на ревијата.
Сепак, враќањето на ревијата по паузата покажа дека „Victoria’s Secret“ е подготвен за нов почеток, со поинклузивна и модерна визија.