Хармоникашот Мишел Трајковски сподели емотивна објава на социјалните мрежи посветена на Андреј од групата ДНК, кој трагично го загуби животот во пожарот во Кочани. Трајковски раскажува за нивниот последен телефонски разговор само два дена пред несреќата…
Музичарот Мишел Трајковски јавно ги сподели своите чувства по трагичната загуба на Андреј Ѓорѓиески од ДНК. Тој објави емотивна порака на социјалните мрежи, опишувајќи го нивниот последен контакт.
Трајковски напиша дека ова е една од неговите најтешки објави. Тој раскажува како само два дена пред пожарот, Андреј му се јавил на телефон. Андреј бил весел и полн со позитивна енергија. Го поканил да се видат за настапот кој заедно го планирале за април.
„Шести ден.. стани сабајле, напиши нешто.. предомисли се, прикачи слика, натажи се.. па фрли телефонот во некој ќош.. и така во круг цела недела. Два дена пред тој кобен ден, ете го на телефон.. Насмеан, позитивен, во негов стил со полна енергија ме викна да се видиме за настанот на кој требаше заедно да настапиме сега во април“, пишува Трајковски.
„Отсекогаш се прашував, како е можно таков артист како него, и после 20 и кусур години на сцена да е толку возбуден и неизмерно среќен пред секој настап, да и се радува на секоја нова песна како да е прва. Но затоа беа, и ќе останат на врвот уште долго. Беше еден од ретките со кого можев да анализирам композиции од репертоарот на Шабан Бајрамовиќ, па до Пако де Лусиа, од Ричард Галиано па се до Бени Гудман и Џанго Рајнхард. Особено ја обожаваше хармониката и уживаше во секоја отсвирена нота. Почивај во мир.. А свирката ќе ја оставиме за некоја наредна прилика..“, пишува Трајковски.