Во ноќта меѓу недела и понеделник, на 2 март, во Лос Анџелес ќе се одржи доделувањето на Оскарите, престижна филмска награда која постои речиси 100 години и која низ историјата доживеала бројни подеми, падови и политички контроверзии.
Во ноќта меѓу недела и понеделник, на 2 март, по 97-ми пат во Лос Анџелес ќе бидат доделени наградите на Академијата за филм.
Овој официјален назив на наградата на малкумина им значи нешто, за разлика од нејзиното популарно име Оскар кое предизвикува јасни асоцијации за гламур, слава и пари кај многу луѓе ширум светот и тоа не само меѓу љубителите на филмската уметност.
Иако висок само 34 сантиметри, Оскар е најпожелниот маж во Холивуд по кој сите се подеднакво луди, и жени и мажи.
Во продолжение на текстот ќе ве запознаеме со историјата на доделувањето на најпознатата златна статуа која ја следат бројни подеми и падови, политички контроверзии, забрани, предвидливости но и изненадувања.
Како и секоја историја, така и онаа што ја врзуваме за најпознатата филмска манифестација, има свој почеток кој датира од далечната 1927 година кога на 11 мај во американската држава Калифорнија е основана непрофитна, професионална и почесна организација попозната под името Академија за филмски уметности и науки, а која е одговорна за настанокот на наградата која ја доделува на квалитетни професионалци од филмската индустрија денес позната како Оскар.
Првиот Оскар доделен на нем филм
Првата церемонија на доделување на Оскарите е одржана на 16 мај далечната 1929 година во холивудскиот хотел Рузвелт, а домаќини на таа вечер беа глумецот Даглас Фербенкс (Douglas Fairbanks) и режисерот Вилијам де Мил.
Првиот најдобар филм кој ја доби златната статуетка беше филмот “Крила” (Wings) со Клара Боу (Clara Bow) во главната улога и е единствениот нем филм кој некогаш ја добил оваа престижна награда. Она што е интересно е дека резултатите од првото доделување беа познати три месеци порано, а тој систем е сменет на следното доделување на Оскарите во 1930 година.
Оттогаш резултатите се објавувани во весниците во 23 часот, вечерта пред церемонијата, што беше пракса првите десетина години. Потоа, во 1940 година, “Лос Анџелес Тајмс” (Los Angeles Times) го објави списокот на победници на самиот ден на доделувањето, што влијаеше на промена на правилата во 1941 година кога е воведен систем со запечатени коверти.
Беше тоа сосема мала но неопходна промена која придонесе за она денес така познато чувство на неизвесност, нагаѓања и тајност која ја следи церемонијата.
Како Оскар го доби името?
Постојат неколку верзии на приказната за тоа како Оскар го добил името. Како официјална, и онаа за која и членовите на Академијата најрадо држат, е дека Маргарет Херик, извршен секретар на Академијата, кога во 1929 година првпат ја видела статуата рекла како ја потсетува на нејзиниот вујко Оскар.
Слична на оваа е и теоријата дека Бети Дејвис (Bet Davis) го “крстила” Оскар и го нарекла по својот сопруг Хармон Оскар Нелсон. Во секој случај, името Оскар официјално е прифатено дури во 1939 година, а како кум, во “крштеницата” се наведува Американската филмска академија.
Постои, пак, и теорија која ја застапувала Елеонор Лилберг, извршна секретарка на Луис Б. Мајер (Louis B. Mayer) по која таа му го дала името на Оскар, бидејќи, кога ја здогледала статуата извикала “Па, тој е истиот крал Оскар”. Наводно, ако ѝ се верува на нејзината верзија, до крајот на таа вечер називот Оскар се одомаќил, и не е нималку чудно што и се задржал.
Церемонија на доделување во Лос Анџелес
Од основањето на Оскарите па сè до денешни денови, церемонијата на доделување секогаш била во Лос Анџелес, единствено што се менувало е местото на одржување на манифестацијата. Сè до 1942 година доделувањето на Оскарите се одржувало во хотелот Рузвелт, а кога бројот на заинтересирани за манифестацијата почнал да расте, а со него и списокот на гости, церемонијата е преместена во театри.
Чувениот “Grauman’s Chinese Theatre” беше прв домаќин, а меѓу останатите сали во кои се одржувало доделувањето се и “Dorothy Chandler’s Pavillon” и “Shine’s Auditorium”. На почетокот на новиот милениум, 2001 година, свеченоста се пресели во Кодак театар, каде што се одржува и денес.
Јавност и интерес
Интересот за доделувањето на Оскарите отсекогаш постоел иако не во толкава мера како денес. Само првата церемонија не ја следеше радио пренос, додека веќе следната едночасовно доделување ја следеше една лосанџелеска радио станица.
Публиката во радио пренос можеше да ужива сè до 1953 година кога церемонијата на доделување по првпат е следена и на мал екран. Првиот директен пренос во боја датира од 1966 година. За телевизискиот пренос на оваа позната манифестација едно време беше задолжен NBC, поточно од 1971 до 1975, кога преносот го презеде ABC телевизиската мрежа која е под договор до 2014 година.
Манифестација и покрај војни
Сите овие години постоење, 96 да бидеме прецизни, манифестацијата редовно се одржуваше без оглед на светските политички околности. Дури ни војните не го оневозможија доделувањето на најпознатата филмска статуа.
По американскиот напад на Ирак во 2003 година имаше и такви кои бараа откажување на церемонијата, но бидејќи манифестацијата не ја спречи ни Виетнамската, па ни Втората светска војна, церемонијата сепак се одржа. Единствено што се случуваше е церемонијата да биде поместена, и тоа во повеќе наврати.
Првиот пат во 1938 година поради поплава во Лос Анџелес, која церемонијата ја помести за една недела. Вториот пат тоа се случи во 1968 година кога, во знак на почит кон убиениот Мартин Лутер Кинг (Martin Luther King) чиј погреб беше истиот ден кога и доделувањето, Оскарот е поместен за два дена.
Третиот пат доделувањето на наградите на Академијата е поместено за 24 часа во 1981 година поради обидот за атентат на тогашниот американски претседател Роналд Реган (Ronald Reagan), кој и самиот беше глумец.
Четврти пат, оваа година, е сменет датумот на доделување на Оскарите поради разорните пожари кои го зафатија Лос Анџелес.
Марлон Брандо одби да прими Оскар
Верувале или не, не се сите глумци толку луди по Оскарите, имаше и такви кои одбија да го примат. Пионер во кампањата против Оскарите е писателот Дадли Николс (Dudley Nickols) кој одби да прими Оскар за најдобро сценарио за филмот “The Insider” во 1935 година бидејќи тогаш Здружението на писатели беше во штрајк.
Глумецот Џорџ Ц. Скот (George C. Scott) одби да ја прими наградата за глума во филмот “Patton” во 1970 година. Тој изјави тогаш дека целата работа со Оскарите е “понижувачка” и дека “воопшто не сака да се натпреварува со останатите глумци”.
Три години подоцна Марлон Брандо во знак на протест поради дискриминација на американските Индијанци одбива да прими Оскар за најдобра машка улога во филмот “Кум”. Кога Роџер Мур (Roger Moore) го прочита името на Брандо на сцена се качи индијанската принцеза Мало Перо која одржа говор за загрозените права на американските Индијанци и одби да го преземе Оскарот во име на Брандо.
Подоцна се испостави дека индијанската принцеза била глумицата Марија Круз (Maria Cruz).
Занимливости
Меѓу занимливостите кои се составен дел на Оскарите треба да се споменат следните. Позлатената статуа е направена од британски метал на црна метална основа и тешка е 3,89 кг, а прикажува витез направен во арт деко стил кој држи крсташки меч стоејќи на ролна филм.
Најмладата Оскаровка е Ширли Темпл (Shirley Temple) која доби почесен Оскар во 1934 година, кога имала само 5 години, додека Тејтум О’Нил го доби во 1974 година, кога имала 10.
Најстари добитници се глумците Џорџ Брнс, кој ја прими наградата во својата 80-та година, и Џесика Тенди, постара една година од него. Првата црнкиња добитничка на наградата на Академијата е глумицата Хети Мекданиел која истата ја доби во 1939 година за споредна улога во филмот “Про Gone with the Wind”.
Најмногу Оскари доби филмот “Господар на прстените: Враќање на кралот” (2003), потоа “Титаник” (1997) и “Бен Хур” (1957). За најдолго одржан говор “виновна” е глумицата Грир Гарсон која за освоениот Оскар се заблагодаруваше околу седум минути. Најмногу номинирана глумица е Мерил Стрип (Meryl Streep), вкупно 21 пат.
Овогодишни номинации
Во категоријата за најдобар филм “Анора” се издвојува како главен фаворит, како и режијата на Шон Бејкер. Ејдриен Броди брилјираше во филмот “The Brutalist” и е номиниран за најдобар глумец, додека Мајки Медисон од филмот “Анора” и Деми Мур од филмот “The Supstance” се фаворити за најдобри глумци. Килијан Калкин од “Анора” води во категоријата за најдобар спореден глумец, додека Зои Салдана е фаворит за најдобра споредна глумица поради улогата во филмот “Emilia Perez”. Филмот “Emilia Pérez” е фаворит за најдобар филм.