Македонската музичка сцена загуби еден од своите најталентирани и најомилени членови – Мартин Атанасовски, познат како Мартин Буцо, кој беше дел од групата ДНК и истакнат битбоксер.
Веста за неговата трагична смрт во пожарот во Кочани ги шокираше и растажи многумина, а социјалните мрежи се преплавени со пораки на сочувство и спомени за него.
Мартин Буцо беше не само талентиран музичар, туку и човек со позитивен дух и инспиративна животна приказна. Тој беше близок со сите членови на бендот ДНК и често споделуваше моменти од својот живот со своите следбеници на социјалните мрежи.
Една од неговите објави која особено се памети е кога тој гордо објави дека успеал да ослабе неверојатни 51 килограм, претворајќи ја својата борба во медиумска сензација и мотивација за многумина.
Во својата објава на Инстаграм, Мартин тогаш напиша:
„Здраво луѓе, уште сум во шок од самиот себе, ќе бидам искрен и краток. Последен пат кога вагата ми покажуваше две цифри беше пред 12 години кога бев 6то одделение… од тогаш навака, цели 13 години сум ТРИ цифри и стасав до 150 кила се до денес кога гордо можам да кажам за себе дека со истрајност и посветеност го направив за мене навидум невозможно и со промена на лошите навики… повторно сум на две цифри 99кг.“
Со својата искреност и отвореност, Мартин тогаш им порача на сите:
„Кога јас можев да симнам 51кг можете и сите вие, не сакам да ве слушнам со никакви оправдувања.“
Оваа негова порака останува како сведоштво за неговата силна волја и позитивен став кон животот.
Сега, неговите пријатели, колеги и обожаватели со тага се сеќаваат на неговиот талент и добрина, споделувајќи видеа и фотографии со него и со останатите членови на ДНК кои прерано ги загубија своите животи во трагедијата во Кочани. Споменот на Мартин Буцо ќе живее вечно преку неговата музика и инспиративната приказна за неговата борба.