Ангел Сарамаков, полицаец и дел од обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, заврши во 30-дневен притвор во затворот Шутка. Тој е осомничен за сторено кривично дело „одавање службена тајна“, објави „Скопје1“.
Приведувањето на Сарамаков е резултат на заедничка акција на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи. Тој бил затекнат во возило „БМВ“ заедно со уште едно лице кое во моментов не е предмет на гонење.
За време на претресот на возилото, во ранец на Сарамаков биле пронајдени службени материјали на МВР. Од двете лица биле одземени мобилните телефони, по што тие биле лишени од слобода.
Според информациите, Сарамаков ќе остане во притвор во Шутка во следните 30 дена додека трае истрагата за случајот.