Роверот „Персеверанс“ на американската Национална вселенска агенција (НАСА) на 11 март на Марс забележа мистериозен камен кој изгледа како да е составен од многубројни ситни топчиња, слични на јајца од пајак.
Проучувањето на неговото потекло би можело да помогне во потрагата по потенцијални фосилни остатоци од живот на Црвената планета.
На снимката забележана со камерата „SuperCam“ одблиску се гледа необичен камен со површина полна со темни топчиња со пречник од околу еден милиметар, од кои некои се испукани, а на некои се гледаат дупчиња.
Овој необичен камен, кој го доби името „Залив на Свети Павле“, се наоѓа на работ на кратерот Језеро. Прекриен е со тенок слој црвеникав песок и јасно се разликува од околината.
Според соопштението на НАСА, станува збор за таканаречен „скитнички“ камен, кој настанал веројатно на некој друг дел од планетата, поради што недостасува контекст кој можеби би ја објаснил неговата чудна текстура, пишува Live Science.
Исто така, не е познато ниту што го предизвикало неговото поместување од првобитното место, што би дало увид во геолошките процеси на Марс. Една од теориите е дека каменот настанал како резултат на удар на метеорит, кога под екстремно висока температура се стопил и потоа кондензирал во гранули кои сега ги гледаме. Ако тоа е точно, би можел да потекнува од сосема друг крај на Марс, а тоа би можело да открие како метеоритите пренесуваат материјали низ планетата.
НАСА исто така наведува дека е можно каменот едноставно да се отркалал по падината на рид, на кој претходно научниците забележале некои потемни слоеви.
Ако се покаже дека се слични на „Заливот на Свети Павле“, тоа би можело да укажува на вулканска активност, дамнешен удар на метеорит, присуство на подземни води во минатото — но и на нешто сосема неочекувано.
Камења како овој даваат драгоцени траги за тоа како Марс се менувал низ времето. Начинот на кој настанал и како се движел открива сложени интеракции помеѓу водата, карпите и другите геолошки сили, што сè може да помогне во одговорот на прашањето дали Марс некогаш можел да поддржи живот.
Ако на овој дел од Марс некогаш навистина постоела подземна вода, некои од примероците што ги собира „Персеверанс“ би можеле да содржат фосилизирани микроби. НАСА планира во 2030 година да ги донесе собраните примероци од Марс на Земјата за подетални анализи.
-
La Linea v1
699 ден
559.20 ден -
Петок
699 ден
559.20 ден -
La Linea v3
699 ден
559.20 ден -
Мисли различно
699 ден
559.20 ден -
Џаст До Ит!
699 ден
559.20 ден -
Јас сум толку стар
699 ден
559.20 ден