Морган Фримен се појави на Оскарите 2025 со црна ракавица на левата рака, што предизвика загриженост кај фановите.
Појавата на Морган Фримен на доделувањето на Оскарите 2025 предизвика внимание не само поради неговиот емотивен говор посветен на покојниот Џин Хекмен, туку и поради еден детаљ – црна ракавица на неговата лева рака. Фановите на социјалните мрежи веднаш го забележаа ова и изразија загриженост за здравствената состојба на актерот.
Фримен, кој има 87 години, ја носи ракавицата веќе неколку години за да ги ублажи болките предизвикани од фибромијалгија.
Во 2008 година, возилото на Фримен се превртело неколку пати во близина на неговиот дом во Чарлстон, Мисисипи. Актерот морал да биде извлечен од возилото од страна на спасувачките екипи и бил префрлен со хеликоптер во болница. Покрај скршеници на раката и лактот, Фримен претрпел и нервно оштетување кое довело до парализа на левата рака и појава на фибромијалгија.
Фибромијалгијата е хронично заболување кое предизвикува силна болка во мускулите и зглобовите, замор, проблеми со спиењето и концентрацијата. Се проценува дека од оваа состојба страдаат милиони луѓе ширум светот, но причините за нејзината појава се сеуште непознати. За жал, не постои лек за фибромијалгија, а третманот се фокусира на ублажување на симптомите.
Фримен носи компресивна ракавица за да го подобри протокот на крв во раката и да ги намали отоците и болките. Овој тип на ракавици се препорачува од здравствените работници за пациенти со фибромијалгија и други состојби кои предизвикуваат болка и оток во рацете.
Иако фибромијалгијата е хронично заболување, симптомите може да варираат со текот на времето. Постојат периоди кога болката се намалува, но може и да се влоши. Фримен продолжува да се бори со оваа состојба, но не дозволува таа да му го попречи неговиот професионален живот.