За многумина, одењето на операција претставува трауматично искуство, но за Пам Рејнолдс тоа било настан кој го променил нејзиниот живот засекогаш.
Tаа тврди дека за време на сложена операција на мозок, клинички починала и имала можност да види што се случува после смртта, набљудувајќи ги хирурзите како работат на нејзиното тело од перспектива надвор од него.
Оваа неверојатна приказна повторно стана актуелна откако подкастерот Кристина Рандал од Флорида ги истражувала настаните за фасцинантно Јутјуб видео насловено „Денот кога умрев“, во кое детално го опишува искуството на Пам.
Пред операцијата, Пам имала симптоми на вртоглавица, привремен губиток на говор и напади на парализа, а скенер покажал голема аневризма во близина на мозочното стебло.
Како последна опција за да се зголемат шансите за нејзино преживување, неврохирург од невролошкиот институт Бароу во Феникс проценил дека ретко изведувана процедура наречена операција на мирување може да биде решение.
Оваа процедура вклучува ладење на телото на пациентот на екстремно ниска температура и запирање на циркулацијата на крвта.
За време на операцијата, телесната температура на Пам била спуштена на само 10 степени Целзиусови, а нејзиното дишење и срцевиот ритам биле целосно запрени.
Нејзините очи биле залепени, а на ушите имала слушалки преку кои слушала звуци. Таа била во целосна несвест, без никаква активност во мозокот.
Меѓутоа, и покрај тоа што била „технички мртва“, Пам доживеала низа необјасниви искуства, тврдејќи дека ја гледала сопствената операција и дури опишалакои инструменти ги користеле лекарите, вклучувајќи и инструмент кој го споредила со електрична четка за заби, а со кој хирургот извршил лоботомија.
Пам се сеќава дека за време на операцијата се чувствувала посвесна од обично, со исклучително јасен вид и изострени сетила, до тој степен што се чувствувала како да има повеќе од пет сетила.
Таа исто така се присетила на разговор помеѓу лекарите и медицинските сестри за време на операцијата и го опишала своето тело како „безживотно“.
Најневеројатниот дел од нејзината исповед е средбата со нејзиниот покоен вујко, кој починал на 39-годишна возраст. Тој ѝ се појавил како водич и ја убедил да се врати во своето тело, иако таа првично не сакала, споредувајќи го враќањето со нуркање во базен.
По седумчасовната операција, Пам се разбудила на интензивна нега и ги шокирала лекарите со деталите од операцијата, што ги навело експертите да веруваат дека таа навистина била сведок на сопствената операција од надвор од своето тело.
Кардиологот Мишел Сабом тврди дека идентификувал повеќе од стотина слични случаи, и покрај скептицизмот на некои.