Маја Крстевска, сопругата на штипскиот гитарист Александар Коларов, кој трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, ја сподели својата длабока тага со јавноста преку емотивна објава на социјалните мрежи.
Нејзиниот сопруг беше еден од осумте музичари од бендот ДНК кои настрадаа во несреќата, меѓу кои беше и еден од фронтмените, Андреј Ѓорѓиески.
Во својата објава, Маја сподели видео од пред пет години на кое нејзината сестра Ирена Крстевска Стевановска, која е вокалистка и сопруга на другиот починат музичар од ДНК, Филип Стевановски, пее заедно со својот сопруг.
Александар Коларов и Филип Стевановски беа не само колеги и пријатели, туку и баџанаци, бидејќи беа оженети со две сестри.
Претходно, Маја сподели и неколку фотографии од нејзиниот сопруг и сопругот на нејзината сестра, придружени со трогателна порака во која ги опиша и двајцата како „ангели на земјата и ангели на небото“.
Таа исто така реобјави фотографија од пред три години со нејзиниот сопруг, на која пишувало „Пролет ни е“, но сега ја означи со зборовите „Најстудената пролет“, со што јасно ја покажа својата сегашна болка и загуба.
Како што беше опишано пред пет години кога првично беше објавено на Фејсбук страницата Штипска идила, песната и нивната изведба се толку трогателни што „утепуваат“, а некои признаа дека го преслушале повеќе пати, не можејќи да ги задржат солзите.
Оваа објава на Маја уште еднаш ја потврдува големината на загубата и длабоката тага која го обви семејството и пријателите на починатите музичари од ДНК.