Познатата македонска новинарка и водителка Вики Ристоска-Чадиковска предизвика бурни реакции на социјалните мрежи по својата емотивна објава во врска со однесувањето на македонските пратеници во периодот на национална жалост по трагедијата во Кочани.
Таа ги спореди постапките на еден бугарски пратеник, кој организирал хуманитарна акција и собрал околу 40.000 евра за помош на жртвите, со одлуката на македонските пратеници да земат 10-дневен одмор за да избегнат меѓусебни конфликти.
Вики истакна дека е крајно разочарана и потресена од ваквиот однос на домашните политичари, потенцирајќи дека во моменти кога земјата ја зафатила огромна трагедија, политичарите морале да покажат единство, одговорност и емпатија. Нејзиниот став доби голема поддршка од јавноста, која остро ги осуди македонските пратеници за нивното однесување.
„Пратениците требаше да бидат пример, ама ете, тоа не се случи. Веројатно ќе бидеме запишани во историјата како прв ваков пример. За друг искрено, не сум чула ниту прочитала“, напиша Вики во својата порака.
Нејзиниот пост брзо се рашири низ социјалните мрежи, станувајќи глас на граѓаните кои очекуваат многу повеќе од своите избрани претставници во време кога е потребна хуманост и солидарност.