На граѓаните на Европската Унија им се препорачува да обезбедат доволно залихи на храна, вода и основни потреби за 72 часа. Ова е дел од европска стратегија која има за цел да ја зголеми подготвеноста за катастрофални поплави, пожари, пандемии и воени напади.
Претставувајќи ја својата прва стратегија за подготвеност, Европската комисија соопшти дека сака да ги поттикне граѓаните да преземат „проактивни мерки за подготовка за кризи, како што се изработка на домашни планови за вонредни ситуации и обезбедување основни залихи“, пренесува Гардијан.
Стратегијата е делумно инспирирана од плановите во Германија и нордиските земји. Тие дистрибуираа информативни брошури и развија апликации кои ги советуваат граѓаните како да постапуваат во случај на воен напад или друга национална криза.
„Им велиме на земјите-членки: 72 часа самодоволност е она што го препорачуваме“, изјави Хаџа Лахбиб, европска комесарка за подготвеност и управување со кризи.
На прашањето што треба да складираат граѓаните, таа упати на видео на нејзините социјални мрежи во кое покажува торба за итни случаи.
Европската комисија исто така предлага воведување Ден на подготвеност на ниво на цела ЕУ за да се подигне свеста. Се предлага и воведување на оваа тема во училишните курикулуми. Исто така, се планира креирање стратегија за складирање на ниво на Унијата за да се обезбедат доволни залихи на суровини, засолништа, генератори и, „потенцијално“, храна и вода.
Иако ЕУ нема овластувања над цивилните или воените служби, нејзината улога во одговорот на кризи значително се зголеми од пандемијата Ковид-19. Тогаш се спроведе заедничка набавка на вакцини и медицинска опрема. Сега сака да оди уште подалеку.
Минатогодишниот извештај на поранешниот фински претседател Саули Нинисте покажа дека не постои „јасен план“ за тоа што би направила ЕУ „во случај на вооружена агресија врз некоја од земјите-членки“.
Плановите на Европската комисија би можеле да предизвикаат поделени реакции меѓу земјите-членки. Тие различно ги перципираат заканите. Минатата недела, Комисијата го преименува својот план за воена потрошувачка во „Readiness 2030“ наместо „Rearm Europe“. Лидерите на Италија и Шпанија изразија загриженост дека првичниот назив може да ги одбие граѓаните.
Спротивно на тоа, северноевропските земји предничат во планирањето за вонредни ситуации. Шведските власти им препорачуваат на граѓаните да обезбедат доволно залихи на вода, енергетски богата храна, ќебиња и алтернативни извори на греење.
Исто така, да инвестираат во радио на батерии. Норвешка ги советува граѓаните да складираат и лекови, вклучувајќи и таблети јод во случај на нуклеарен инцидент. Во Германија, на домаќинствата им се советува да ги приспособат подрумите, гаражите или оставите за засолништа.
Градежниците на куќи ќе бидат законски обврзани во новите домови да вклучат безбедни засолништа – како што веќе е направено во Полска.
Роксана Минзату, потпретседателка на Комисијата, одговори на обвинувањата за ширење паника. Таа ја спореди подготвеноста со склучување осигурување од несреќа: „Тоа не значи ништо повеќе од желба да бидете подготвени и да ги минимизирате штетите, трошоците и страдањата низ кои би можеле да поминете.“
Хаџа Лахбиб, која потврди дека поседува 72-часовни залихи, вклучувајќи состојки за паста ала путанеска, нагласи дека на земјите-членки е да дефинираат што е потребно „врз основа на нивната геополитичка и геостратешка позиција“.
Белгиската комесарка забележа дека во Финска младите се учат да ракуваат со оружје. „Но, не мислам дека тоа е нешто што би го виделе овде во Белгија или Франција – барем не веднаш. Тоа се разликува од земја до земја, но можеме да учиме едни од други.“
Стратегијата беше објавена еден ден откако данското министерство за одбрана најави дека ќе ги забрза плановите за воведување задолжителен воен рок за жени за две години.
Од јули 2025 година, жените кои ќе наполнат 18 години би можеле да бидат обврзани да учествуваат во годишното извлекување. Така ќе се одреди дали ќе мора да служат воен рок, што веќе е задолжително за мажите.