На денешен ден, 17 ноември православните верници го слават споменот на Преподобен Јоаникиј Велики – светител кој со својата големина, и буквална и духовна, оставил длабока трага во историјата на Црквата.
Роден во селото Марикати, во областа Витинија, Јоаникиј потекнувал од благочестиви родители – татко Миритрикиј и мајка Анастасија. Неговата младост била посветена на чување стада, каде што, далеку од светската суета, развил длабока духовност. Често се повлекувал во молитва, доверувајќи го своето стадо на заштитата на крстот.
Воин, монах и чудотворец
Јоаникиј се истакнал како храбар воин, особено во битките против Бугарите. Но, по воената служба, ја почувствувал Божјата повик и се повлекол во монашки живот на планината Олимп во Мала Азија. Таму, со над педесет години подвизи, се посветил на молитва и пост, а Бог го наградил со дар на чудотворство.
Дарови и чудеса
Многумина го барале неговото застапништво, бидејќи лечел болести, изгонуваше демони и пророкувал идни настани. Познат е и по тоа што скротувал диви ѕверови, особено змии, и преминувал преку вода како да е сува земја. Но, покрај овие необични дарови, најсилно блескале неговото смирение и кротост, доблести кои ги зачувал до крајот на својот живот.
Верен борец за Црквата
Во време на иконоборството, Јоаникиј најпрво бил заведeн од лажните учења, но подоцна станал еден од најгласните поддржувачи на иконопочитувањето. Бил близок со патријархот Методиј Цариградски и активно учествувал во враќањето на православното учење.
Свети Јоаникиј поживеал 94 години и починал мирно во 846 година. Неговите молитви и по смртта продолжуваат да носат утеха и исцеление.
Преподобен Јоаникиј, моли се за нас!