Борче Јованчевски, кој за среќа успеал да се извлече од огнениот пекол во дискотеката „Пулс“ во Кочани, не останал рамнодушен на трагедијата која се случувала пред неговите очи.
Веднаш по избувнувањето на пожарот и настанувањето на стампедото, тој повторно влегол во зафатениот објект со цел да помогне во извлекувањето на многубројните млади луѓе кои се бореле за својот живот.
Својата потресна приказна за кобната ноќ, Борче ја споделил со платформата supportkocani.com, опишувајќи ги хаотичните сцени и нечовечките напори на присутните да се спасат.
Тој исто така спомена дека до него бил Лазе од обезбедувањето. Лазе бил многу силен и можел да извлече многу луѓе. Затоа, заедно ги подавале сите нанадвор. Потоа дошол и неговиот дедо, и со него почнале да ги вадат луѓето од дискотеката.
„Имаше запалено од едната страна бела даска која гореше, заедно ја кренавме даската и ја фрливме и дедо ми почна на левата страна да влече луѓе, а јас видов рака и некој кој ми го извикува името. Тоа беше мојата сопруга. За среќа беше жива…“, вели тој.