Денешното рочиште во Основниот суд во Тетово, кое требаше да го означи почетокот на повтореното судење на Менсур Пајазити, обвинет за предизвикување на сообраќајна несреќа со фатални последици за 22-годишната Теодора Ристовска, по вторпат беше одложено. Ова предизвика силна реакција кај семејството на загинатата девојка.
„Срамота е ова, три години не мачат. Јас изгубив ќерка од 22 години, четврта година на Машински факултет. За правда јас плачам, а правдата ја нема во Македонија“, изјави видно вознемирениот татко на Теодора Ристовска, не криејќи ја својата болка и фрустрација од долготрајниот судски процес.
Како и при првото одложување, причината за денешното одложување беше поднесок од страна на обвинетиот Менсур Пајазити, во кој тој наведува здравствени причини поради кои не може да присуствува на рочиштето. Судијата Елведин Ферати го прифати барањето за одложување, но најави дека ќе бидат извршени проверки на наводите на обвинетиот.
Адвокатот Наташа Ѓорчевска, која го застапува семејството на Теодора, изјави дека од нивна страна ќе биде проверено дали обвинетиот навистина се наоѓа на болничко лекување и дали неговата здравствена состојба го спречува да работи, имајќи предвид дека тој е наставник во гимназија во Тетово. Таа додаде дека ќе се побара одговор од надлежните институции за да се утврди дали постои несовпаѓање меѓу неговото боледување и евентуалното присуство на работа.