во

Тоше Проески: Ја откачи Гоца Тржан за да биде со нас – тоа го правеше голем

Иако изминаа цели 17 години откако Тоше Проески не е меѓу нас, спомените за него остануваат живи и светли, секогаш враќајќи се како највеселите и најшарени слики од минатото. Едно од тие незаборавни сеќавања е од летото 2006 година, за време на едно неочекувано патување во Будва.

Често се случува да го спомнам Тоше без некоја посебна причина. Ќе чујам негова песна, ќе се насмевнам и си продолжувам со денот. Но, денови како денешниот, кога ја одбележуваме годишнината од неговата смрт, ми ја исполнуваат главата со спомени и мисли за него.

Фотографиите, песните на радио, сеќавањата на пријателите – сето тоа ме потсетува на прекрасните моменти што ги поминавме заедно. Таков беше и тој незаборавен викенд во Будва, кога Тоше беше специјален гостин на „Будва фест“.

Сѐ почна со мала „драма“ околу времето на одржување на неговиот концерт во Скопје, кој се поклопи со фестивалот во Црна Гора. На прес-конференцијата сите новинари малку негодувавме, бидејќи веќе бевме акредитирани за „Будва фест“. Но, неговата менаџерка Љиљана Петровиќ ги среди сите детали – концертот во Скопје беше преместен за петок, а следниот ден, Тоше настапи во Будва.

Се сеќавам колку убаво се грижеше за нас, новинарите. Сместувањето и превозот беа организирани, така што веднаш по концертот во Скопје тргнавме на пат кон Будва. Таму, Тоше беше пречекан како вистинска ѕвезда. И покрај сета врева и внимание што го добиваше, секогаш имаше време да го препознае некој од македонската екипа, да мавне со рака или да се насмевне.

Настапот во Будва беше магичен. И покрај долгото патување и неговата замореност, Тоше ги забележа и спомна присутните македонски новинари, шегувајќи се дека иако изморени, сепак дојдоа да го поддржат. Таков беше Тоше – човек со големо срце, секогаш внимателен кон сите околу себе.

По настапот, како и секогаш, фановите и новинарите го опкружија, барајќи автограми и фотографии. Бидејќи рече дека е уморен и дека ќе оди да спие, ние заминавме на „афтерпарти“ во една од локалните дискотеки. Но, по некое време, изненадувачки, Тоше се појави на вратата, дојде кај нас и рече: „Дечки, ајде да се подружиме малку.“

И така и беше. Иако изморен, тој одвои 15-20 минути да биде со нас, да игра и да се забавува. Во еден момент, се појави пејачката Гоца Тржан, го фати за раката и се обиде да го повлече кон друга страна, но Тоше љубезно ја одби: „Вечерва сум тука со вас, сакам ние да се дружиме“, кажа и продолжи да игра со нас.

Набргу потоа замина да се одмори, бидејќи рано утредента требаше да тргне назад кон Скопје. Иако времето што го поминавме со него таа вечер не беше долго, тоа остана врежано во нашите срца. Секогаш кога ќе се собереме со истата екипа од Будва, го спомнуваме Тоше и неговата голема душа.

„Ви текнува како Тоше ја откачи Гоца Тржан за нас?“ – ова е една од тие приказни што со гордост ја прераскажуваме повторно и повторно, сеќавајќи се на нашиот Тоше и неговата несебичност, скромност и љубов кон сите околу него.

Тоше беше и останува посебен.


Супер Кул Маици: -20%
Бесплатна достава над 2000 ден.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Техника на пешачење со која се топат повеќе калории

Адријана Лима блесна по 6 години пауза, сестрите Хадид го освоија шоуто: Грандиозно враќање на Victoria’s Secret 2024