во , ,

12 Работи во кујната што непотребно ви зафаќаат простор

Прастари шолји кои ви се подарок од бабите, а не ги користите, замастена тава која никогаш не може целосно да се исчисти, празни пластики од сладолед, полупразни ќеси кои прават неред и уште неколку работи во кујната кои непотребно ви зафаќаат место – време е да ги подарите или фрлите.

Ваквите предмети во кујната не ви се од никаква корист, непотребно зафаќаат простор и ви го отежнуваат чистењето и одржувањето на ред во домот.

Неколку идеи кои од нив е најдобро да ги фрлите (или донирате):

Стари даски за сечење

Ако долго време ја користите истата даска за сечење, таа сигурно е оштетена од ножевите, а веројатно има и понекоја „тврдоглава“ дамка од храна. Но старите даски не само што не изгледаат убаво, туку во вдлабнатините лесно се собираат бактерии и секакви нечистотии, кои не се отстрануваат целосно и можат да завршат во вашата храна.

Пластични кутии од сладолед и други продукти

Ако сте како повеќето, сигурно ги чувате пластичните кутии од сладолед, крем и слично, мислејќи дека ќе ви се најдат. Но запрашајте се колку од нив навистина сте употребиле. Ако сепак складирате храна во овие кутии, тогаш е во ред, но ако само ги трупате и ви зафаќаат простор, зошто да не ги фрлите?

Изгребани и замастени тави

Штом тавата е изгребана, во неа ќе ви загорува скоро секое јадење, па најдобро е да ја замените со нова. Истото важи и за тавите кои се замастени и никако не можете да ги исчистите.

Кеси од продукти што се купуваат на големо

За подобро да ги организирате шкафчињата во кујната, ставајте ги продуктите како леќа, ориз и слично, во тегли. За оваа намена можете да ги искористите и празните кутии за складирање. На овој начин шкафчињата ќе изгледаат посредено, но и ќе имате многу подобра прегледност.

Чадорчиња и слични украси за пијачки и коктели

Можеби некогаш сте правеле забава во домот и сте се опремиле со вакви украси, но веројатно не сте ги употребиле никогаш повеќе. Можеби сметате дека повторно ќе ви притребаат, но најверојатно само ќе ви зафаќаат место во кујната. Па, не двоумете се дали да се ослободите од нив. Кога ќе дојде време за забави, ќе се подновите.

Плетени корпички кои никогаш не сте ги искористиле

Во речиси секој дом има по неколку вакви корпи и можеби некогаш биле хит, но денес се застарени и сигурно само собираат прашина. Штом не ги користите, нема потреба ни да ги чувате.

Бројни лажици за готвење

Со текот на времето се собираат многу лажици за готвење, но во реалноста ви требаат само неколку типови. Ако во фиоката владее хаос поради нив, најдобро фрлете ги или донирајте ги оние лажици што се поткршени, вечно извалкани, оштетени или стари за користење.

Кесички со зачини

Ако готвите често, веројатно користите и многу зачини, но немојте да ги чувате во нивните кесички. Многу подобро е да ги складирате во посебни садови за зачини – на овој начин ќе им го продолжите рокот на траење, но и ќе имате подобра прегледност, наместо куп полупразни кесички што наликуваат на ѓубре.

Шолји од вашата (пра)баба

Речиси сите сме наследиле понекоја ваква шолја од нашите баби, но ако ги чувате сите, вашата кујна ќе почне да наликува на музеј. Ако некоја шолја има сентиментална вредност, нормално дека ќе ја чувате, но оние што не ни помните дека ги имате, а во меѓувреме ги заменувате со нови, само ви зафаќаат место. Не мора да сте приврзани за стари и неупотребливи работи.

Стар прибор за јадење

Ако вашата фиока е преполна со лажици, виљушки и ножеви, можеби е време да се ослободите од оние најстарите. Секако, ова е најтешко за сите, бидејќи „што кога ќе дојде време да се наполни куќата со гости“, што е одлично размислување, но ако дури ни во такви случаи не сте го извадиле најстариот сет – подарете го на некого што нема со што да јаде.

Весници, сметки и слично оставени врз фрижидер

Наједноставното нешто што можете да го направите за вашата кујна да изгледа поорганизирано е да ги тргнете работите што ви стојат врз фрижидерот.

Стари ножеви

Кога сте го купиле комплетот ножеви, можеби сте ги користеле, но со текот на времето сфаќате дека сигурно не ви требаат 10-тина различни. Притоа, ако ги имате ножевите неколку години, најверојатно повеќето се тапи и не можете ни да ги користите. Не ги чувајте залудно старите кои не ги ни користите.

Супер Кул Маици: -20%
Бесплатна достава над 2000 ден.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Како изгледале 10 постари рок-ѕвезди во својата младост

15 Секојдневни „необјасниви“ фотки кои ќе измамат насмевка на вашето лице