во ,

20 Бонтон правила за однесување на гости

Манирите се рефлексија на човечката култура, а со листата во продолжение, може да проверите дали вие ја имате.

Иако многупати сме ги спомнале бонтон правилата, никогаш не е доста од потсетување на правилното однесување во различни ситуации.

Бонтонот игра главна улога во тоа каков впечаток ќе им оставите на соговорниците и луѓето во околината, а треба да се држите до нив, независно каде ќе се појавите.

Што не треба да правите ако сакате да оставите впечаток на културна личност, кога одите на гости?

Кога одите на гости:

– Не доаѓајте со јадење од дома ако планирате да биде послужено, освен ако домаќините не ви побарале да им помогнете. Салатата или месото кои ќе ги донесете може да не се вклопуваат во менито и трпезата на домаќините, а не е пријатно ниту гостите да го споредуваат вашето јадење со она на домаќините. Доволно е да донесете нешто што не бара готвење, а домаќините може да одлучат кога и дали ќе го сервираат.

– Не прашувајте кој друг ќе доаѓа. Домаќините најчесто сами нагласуваат за каква пригода станува збор – „со најблиските“, „со друштво“, „со колеги од работа“. Доволно е што ве канат и нема потреба да си барате друго друштво освен самите тие.

– Не доаѓајте пред договореното време. Можеби домаќините немале доволно време однапред да се подготват за дочек на гости, не им е наместена трпезата или средуваат во последен момент, па не ги ставајте во непријатна ситуација. Препорачливо е да дојдете 10-15 минути по договореното време.

– Не ги опсипувајте домаќините со огромни или нефункционални подароци. Не носете големи цвеќиња на кои нема да можат да им најдат место, ниту пак украси кои може нема да им се допаднат. Доволно е да однесете благо или мало цвеќе како знак на внимание.

– Доколку одите на гости во приватна и опуштена атмосфера, не претерувајте со аутфитот – така може да ги засрамите домаќините и вниманието да биде насочено само во вас.

Општи правила за однесување во туѓ дом:

– Не го отворајте сами фрижидерот и не претурајте низ шкафчињата – не сте вие домаќин во куќата.

– Ако одите на гости кај некој што има мало бебе, не се заигрувајте сами со бебето, не го земајте во раце или не му давајте храна, без да ги прашате родителите.

– Ако одите на роденден, не го терајте славеникот да ги отвори подароците пред сите – секој реагира на различен начин, а можеби некому нема да му се допадне реакцијата и ќе предизвикате непријатна ситуација.

– Не е ваша работа да ја регулирате температурата во домот – ако ви е ладно/топло, прашајте ги сите дали би им одговарало да се промени температурата и замолете ги домаќините да го направат тоа.

– Не им давајте на домаќините совети за храна и готвење, освен ако сами не го побараат тоа и не сте премногу блиски. Секогаш треба да ги пофалите за изборот и вкусот.

– Не се заседнувајте премногу – не дозволувајте да дојде до ситуација домаќините да мора индиректно да ве „избркаат“.

– Дури и ако е со добра намера, не треба да почнувате да средувате и миете садови. Тоа го прават само оние кои се многу блиски, бидејќи не секој сака да му се мешаат во кујна. Исто така, културно е да прашате дали е потребна помош, а не сами да почнете да прибирате.

Однесување во купатило:

– Кога одите во тоалет додека сте на гости, никогаш не си дозволувајте да претурате низ шкафчињата или да допирате и пробувате некои козметички препарати.

– Никогаш не дозволувајте да ја потрошите до крај тоалетната хартија. Ако видите дека е при крај, известете ги на само домаќините за да ја заменат.

Однесување на маса:

– Никогаш не почнувајте да јадете пред домаќините, културно е да почекате да седнат сите и да ве понудат за да си ставите.

– Не претурајте низ јадењето за да тргате работи што не ги јадете. Ако има нешто што не јадете, подобро воопшто не си ставајте.

– Не барајте од домаќините нешто што не е послужено на маса – кечап, лути пиперки, леб и слично.

– Ако на приборот забележите нешто извалкано, не мора да споделите со сите или забележливо да го чистите. Културно и тивко побарајте од домаќините да ви го сменат приборот.

– Никогаш не ставајте сол и други зачини или додатоци на јадењето пред да го пробате – тоа остава впечаток дека не верувате во проценката и кулинарските способности на домаќините.

– Ако сте вегетаријанец, не мора да го кажувате тоа гласно за сите да дознаат – тоа е ваша лична одлука, па бирајте го јадењето што ви одговара, наместо да привлекувате непотребно внимание.

– Внимавајте што им давате да јадат на вашите деца. Ако гледате дека има нешто што претходно не го јаделе или не им се допаѓа, подобро прескокнете го. Замислете колку би било непријатно ако децата кажат дека не им е вкусно или го плукнат јадењето.

Супер Кул Маици: -20%
Бесплатна достава над 2000 ден.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Како го замислуваш идеалниот прв дејт?

20 Ретки историски фотографии откриваат чуден дел од минатото кој не сте го виделе во учебниците