Загрижувачки податоци укажуваат на рапидно зголемување на дебелината во Македонија, посебно кај децата. Според најновите истражувања на Институтот за јавно здравје, секое трето дете на возраст од 6 до 9 години има прекумерна тежина, а дел од нив страдаат од екстремна дебелина.
Состојбата е уште посериозна кај возрасните, каде дебелината веќе доведува до компликации и сериозни здравствени проблеми. Најтешкиот пациент во земјата, кој побарал медицинска помош во Центарот за дебелина на Клиниката за ендокринологија, достигнува неверојатни 288 килограми.
Како одговор на оваа криза, Фондот за здравствено осигурување најави финансирање на 40 баријатриски операции, односно кратење на желудникот, за оние пациенти кај кои другите методи за контрола на тежината се неефикасни. „Дебелината не е само естетски проблем, туку сериозна здравствена состојба“, изјави Сашо Клековски, директор на Фондот.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, најави отворање на нов центар за третман на дебелината во Прилеп, покрај веќе постоечките во Скопје.
Лекарите нагласуваат дека дебелината треба да се третира како хронична болест, која може да доведе до инвалидитет. Д-р Ирфан Ахмети, претседател на здружението за дебелина, истакнува дека дебелината е причина за многу болести, вклучувајќи дијабетес, срцеви заболувања и канцер.
На Светскиот ден на дебелината, Институтот за јавно здравје апелира до властите да се фокусираат на превенција и промоција на здрав начин на живот, вклучувајќи едукација за здрава исхрана и физичка активност.
Место во странство, 40 пациенти со прекумерна дебелина ќе можат да направат операција за намалување на тежината кај нас, а трошокот ќе го покрие Фондот за здравствено осигурување. Клиниката за дигестивна хирургија е подготвена до крајот на месецов или на почетокот на следниот месец да почне со операции.
За операција ќе бидат издвоени пациенти кои веќе лекуваат дебелина во центрите за дебелина кај нас, но фармаколошкиот начин на лекување и промената на животниот стил не дале резултат. Огнен Костовски, директор на Клиниката за дигестивна хирургија е благодарен што процедурите кои ќе ги изведуваат се препознаени како процедури за отстранување заболувања, а не естетски оти дебелината е болест.
„Имаме буџет за 30 пациенти кои што би биле за хируршко лекување и 10 за експандирачка капсула. Кон крајот на овој месец или следниот би можел да најавам дека би почнале првите интервенции кои би биле на товар на Фондот за здравство. Сите пациенти би биле регрутирани преку центрите за дебелина. Тоа ќе бидат оние пациенти кај кои конзевативниот третман не дал резултат. Хируршкиот тим е комплетно подготвен. Имаме соработка со два центри, двајца наши хирурзи беа на обука во Малта. Имаме сорабтока со центарот за минимално инвазивна хирургија во Ниш. Првите интервенции на некој начин, пластично кажано, ќе бидат и со странска рака. Не дека ние го немаме искуството, вакви интервенции кај нас се вршени и претходно со тоа што сега веќе ќе биде стандардизирање на процедурите“, вели Костовски и нагласува дека на ваков начин обезноста ќе се третира и кај нас како што се третира во светски рамки.