Специфичниот и интензивен вкус го прави совршена состојка за давање посебна нота на јадењата од месо, зеленчук и риба, но и за подготовка на ароматични сосови и зачини. Но, ренот има и бројни здравствени придобивки, па, ако досега не сте, обидете се почесто да го додавате во вашите омилени рецепти.
Рен е зеленчук од семејството на зелки, истото на кое припаѓаат зелката и ротквиците. Неговиот бел, дебел корен со цилиндричен облик има пикантен и интензивен вкус, сличен на вкусот на сенф или васаби, чија суштина се ослободува кога коренот се ренда или меле. Иако најчесто се консумира коренот, и листовите од рен се јадат.
Богат со витамин Ц, ренот е и извор на влакна и минерали, како што се калиум, калциум и фосфор, како и антиоксиданси. Содржи глукозинолати и изотиоцијанати, кои се заслужни за неговиот пикантен вкус и лакримогено дејство на коренот, што значи дека предизвикува солзи слично како кромидот.
Меѓу неговите главни позитивни својства се антибактериските и антиинфламаторните и поволното влијание врз варењето. Конзумирањето на рен во студиите е поврзано со бројни здравствени придобивки, како што се подобрување на состојбата кај болести на респираторниот систем, подобрување на варењето и помош при уринарни инфекции.
Сепак, консумирањето не се препорачува за лица со бубрежни и стомачни проблеми, а не се препорачува ниту во бременост. Количините кои вообичаено се користат во кујната се умерени, но прекумерната конзумација, поради високиот удел на изотиоцијанати, може да влијае на апсорпцијата на јод, есенцијален минерал за функцијата на тироидната жлезда. Важно е да се биде внимателен и при ракување со коренот бидејќи неговиот силен мирис може да предизвика солзи и, во некои случаи, дури и надразнетост на очите, со можност за развој на конјунктивитис или главоболки.
Го намалува воспалението
Ренот содржи хемикалија наречена синигрин за која истражувањата покажале дека го намалува воспалението блокирајќи или менувајќи делови од имунолошкиот систем што го предизвикуваат.
Студиите сугерираат и дека синигринот може да помогне во ублажување на симптомите на атеросклероза, но потребни се подетални истражувања пред да се донесат дефинитивни заклучоци за тоа. Може да помогне во намалување на ризикот од состојби како што се артритис, Алцхајмерова болест, дијабетес, срцеви заболувања и рак.
Спречува оштетување на клетките
Коренот од рен е природно богат со антиоксиданси кои помагаат во заштитата на телото од клеточни оштетувања со врзување за слободните радикали.
Некои студии укажале на тоа дека ренот може да спречи развој на канцерогени клетки во дебелото црево, белите дробови и желудникот, но потребни се дополнителни испитувања на луѓе за да се потврди оваа теза.
Го подобрува здравјето на респираторниот систем
Ако некогаш сте јаделе рен, познато ви е она чувство на пецкање што може да се јави во носот, грлото и синусите.
Можеби ви пречи, но всушност е корисно за здравјето на вашиот респираторен систем. Една студија покажала дека суплементот на база на сушен рен ефикасно лекува инфекции на синусите и бронхитис.
Антибактериски ефект
Студиите покажале дека изотиоцијанатите, фитохемикалии присутни во ренот, можат да ги уништат бактериите и габите кои предизвикуваат болести, како што се труење со храна, чир на желудникот и габи на кожата и ноктите.
Употреба на рен во кујната
Ренот најчесто се користи како зачин. Неговиот пикантен вкус одлично се комбинира со широк спектар на јадења, како оние од тестенини, варено месо, риба, салата и чорби. Може да се користи рендан или мелен во подготовка на сосови.
Еден од најпопуларните начини на подготовка е сос од рен кој се добива со мешање на рендан рен, средина од леб, оцет, екстра девствено маслиново масло, шеќер и сол. Овој сос е идеален додаток на разни главни јадења, но и тврдо варени јајца, варен и сиров зеленчук, а можете да го користите и за потопување рибни стапчиња, да го намачкате во бургери наместо мајонез, да го измешате во пире од компири за да му дадете попикантна нота или да го прелиете преку стек.
Инаку, свежиот рен може да се вари, динста и пече на скара, а одлично се комбинира со цвекло, компир и брокула.
Не го мешајте со васаби
Немојте да го мешате ренот со васаби, попознат и како јапонска ротква од која се подготвува истоимениот зелен и многу пикантен сос.
Иако начинот на користење е сличен, ренот има поинтензивен и долготраен пикантен вкус, додека васабито е поблаг и неговата пикантност побрзо исчезнува.
Поради отежнато одгледување, вистинскиот васаби е редок и многу скап, а тоа е воедно и причина поради која рестораните понекогаш користат зелен сос кој има поголем процент на рен отколку вистински васаби, пренесува Živim.hr.
-
La Linea v1
699 ден
559.20 ден -
Петок
699 ден
559.20 ден -
La Linea v3
699 ден
559.20 ден -
Џаст До Ит!
699 ден
559.20 ден -
Мисли различно
699 ден
559.20 ден -
Јас сум толку стар
699 ден
559.20 ден