Според статистичките податоци, близначки бремености се случуваат во околу еден процент од случаите, додека близнаци со различна боја на кожа се раѓаат еднаш во милион случаи. Токму тоа ѝ се случи на Џудит од Калгари во 2016 година – таа на свет донесе црно момче и бело девојче. Не го криеше изненадувањето, беше убедена дека станува збор за грешка и дека ги замениле бебињата. За да биде ситуацијата уште посложена, се покажа дека не станува збор за „обични“ црно-бели близнаци…
Мајката Природа никогаш не престанува да нè воодушевува. Џудит Нуокоча, фотографка од канадскиот град Калгари, и нејзиниот сопруг цели осум години се бореле за потомство. Немаше посреќна личност од Џудит кога дозна дека ин витро оплодувањето конечно успеало.
Но, никој не беше пошокиран од неа кога по породувањето ги погледна своите бебиња. Близнаците, благо речено, беа – различни. Обично би требало да се идентични, нели?
Џудит, која е по потекло од Нигерија, не можеше да им верува на своите очи. Едното дете беше – со светол тен. Од глава до петици. Дали лекарите направиле грешка, дали бебињата се заменети? Сепак, тие можеа само да ѝ честитаат, а таа да се помири со „црно-белата“ ситуација.
– Редовно одев на прегледи и знаев дека носам близнаци. Меѓутоа, ми беше кажано дека женското дете можеби има Даунов синдром и дека има големи шанси да не го види светлото на денот.
За среќа, породувањето помина во најдобар ред. Момчето, Кемси, беше со темен тен, како родителите, и имаше одлични оценки. Неговата сестра Качи беше забележително помала и со многу светол тен. Првичниот шок го замени грижа, бидејќи лекарите веднаш ѝ рекоа на Џудит дека можеби нема да преживее. Но, таа успеа.
Се испостави дека девојчето е албино. Албинизмот е вродена неспособност на организмот да создава пигмент меланин. Интересно е што оваа појава е честа во Нигерија, од каде потекнува Џудит. Но, какви се шансите тоа да се случи на еден од близнаците?
На почетокот беше многу загрижена, се прашуваше како луѓето ќе се однесуваат кон нејзината ќерка. Дури и тајно се надеваше дека со текот на времето ќе добие потемен тен. Од друга страна, беше среќна што децата се здрави и што Качи е нејзина мала копија, иако бела, со светла, речиси златна коса.
Кога ќе ја видеа со близнаците, многумина не веруваа дека Качи е нејзина. Имаше и случаи кога други деца ја малтретираа, бидејќи, едноставно, е поинаква. Среќа е, вели таа, што живеат во цивилизирано општество во кое има многу разбирање. Во Нигерија, близнаците веројатно би биле изложени на потсмев, пред сè поради суеверие.
Камси и Качи се неразделни. Момчето е секогаш покрај својата сестра и е вистински заштитник. Тие се многу дружељубиви, секогаш насмеани и весели, растат во здраво семејно опкружување, а родителите ги обсипуваат со љубов и внимание. Качи редовно оди на прегледи, бидејќи има чувствителна кожа, а особено очи, поради што не смее долго да биде изложена на сончеви зраци.
Близнаците, кои сега имаат осум години, во меѓувреме станаа и мали манекени. Мама, по професија фотограф, ги има најслатките и најубавите модели, а тие на Инстаграм – цела армија фанови.