Неколку илјади луѓе синоќа во центарот на Софија, со едноминутно молчење, им оддадоа почит на жртвите од трагичниот пожар во Кочани. Собрани пред Судската палата, тие на овој начин ја изразија својата солидарност, пренесе БГНЕС.
Денеска Кочани се простува од своите млади кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март. Трагедијата однесе 59 млади животи, повеќето на возраст од 14 до 25 години.
Најголем дел од починатите се од Кочани, но има и од Чешиново-Облешево, Штип и Скопје. Кочани е во целосен молк, жалејќи за својата изгубена иднина.
Илјадници македонски граѓани од целата земја преку мирни собири изразија сочувство за болката на семејствата.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна во раните утрински часови на 16 март. Загинаа 59 лица, а над 160 беа повредени. Најтешко повредените се лекуваат во странство.